Маск му го врати профилот на Твитер, но Трамп не планира да го користи

Илустрација

Илон Маск, новиот шеф на Твитер, денеска објави дека ќе ја врати сметката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, која што беше забранета од социјалната мрежа по нападот на Капитол Хил во Вашингтон во јануари 2021 година.

„Народот го кажа својот збор. Трамп ќе биде вратен назад“, напиша Маск на својот профил на Твитер по резултатите од анкетата на која мнозинството од неговите следбеници гласаа за враќање на републиканскиот политичар на Твитер.

Нешто повеќе од 15 милиони корисници на Твитер гласаа во анкетата, а 51,8 отсто гласаа за негово враќање.

По објавата на Маск дека „народот го кажа својот збор“, на оваа социјална мрежа повторно се појави профилот на Трамп и на него се достапни стари објави на поранешниот американски претседател, пишува Би-Би-Си.

Илон Маск прави анкета дали да го врати Трамп на Твитер

Претходно во текот на денот пак, Трамп не покажа голем ентузијазам за враќањето на неговиот профил на некогаш омилената социјална мрежа.

„Не гледам никаква причина“, одговори поранешниот претседател на прашањето дали планира да се врати на Твитер.

Тој рече дека ќе остане на својата нова платформа „Truth Social“, апликација развиена од неговата нова компанија „Trump Media & Technology Group“ (TMTG), за која рече дека има подобар ангажман на корисниците од Твитер и дека работи „феноменално добро“.

Трамп, кој во вторникот започна обид да се врати во Белата куќа во 2024 година, го пофали Маск и рече дека отсекогаш му се допаѓал. Но, тој исто така рече дека Твитер страда од ботови, лажни профили и дека проблемите со кои се соочува се „неверојатни“.