Силни експлозии синоќа и денеска се регистрирани во украинската нуклеарна централа Запорожје, контролирана од Русија, соопшти шефот на надзорното тело за атомска енергија на ОН, Рафаел Гроси.
„Вестите се крајно вознемирувачки. На локацијата на оваа голема нуклеарна централа се случија експлозии, што е целосно неприфатливо“, рече Гроси во писмена изјава, додавајќи дека штетата на зградите, системите и опремата евидентирана досега не е критична за нуклеарната безбедност.
Ваквите напади врз најголемата нуклеарна централа во Европа, рече Гроси, предизикуваат ризик од голема нуклеарна катастрофа и побара од која било земја која стои зад нападите веднаш да ги прекине..
„Кој и да стои зад ова мора веднаш да престане“, порача Гроси.
Украина: Русија продолжува со напади врз цивилни објекти
Украинската енергетска агенција „Енергоатом“ ги обвини руските сили за гранатирање на објектот, велејќи дека Русија повторно го става на ризик целиот свет.
Руското Министерство за одбрана пак ги обвини украинските сили дека пукале на далноводи што ја снабдуваат централата. Руската државна новинска агенција ТАСС цитираше официјален претставник на рускиот нуклеарен оператор „Розенергоатом“ кој вели дека дека 15 гранати биле испукани врз објектите на централата.
Речиси половина од украинскиот енергетски систем не функционира
Советникот на извршниот директор на „Розенергоатом“, Ренат Карча, тврди дека гранатите биле насочени кон складиште за сув нуклеарен отпад, но дека не биле откриени радиоактивни емисии, пренесе ТАСС.
Во последниве месеци, Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за таргетирање на централата, над која руските сили презедоа контрола набргу по нивната инвазија на Украина во февруари.