Обидите на западните земји да ја убедат Украина да преговара со Москва по серијата големи воени победи над руските сили се „бизарни“ и практично бараат Киев да капитулира пред губитничката страна, смета советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.
Во изјава за француската новинска агенција АФП, тој вели дека Москва не му дала „никаков директен предлог“ на Киев во врска со мировните преговори, и наместо тоа пренесува предлози за преговори и евентуален прекин на огнот преку посредници.
„Русија не сака преговори. Русија води комуникациска кампања наречена „преговори““ во обид да го запре времето. Во меѓувреме, ќе ги обучи своите мобилизирани сили, ќе најде дополнително оружје и ќе ги зацврсти своите позиции“, вели Подољак.
Според Подољак, дозволувањето на Москва сега да прекине во борбите, ќе „создаде замрзнат конфликт во Европа“.
Големата слика од руската инвазија врз Украина
Некои западни лидери, особено началникот на Здружениот Генералштаб на САД, генерал Марк Мили, ја отвори можноста за нови преговори меѓу Киев и Москва, при што Мили на 16 ноември изјави дека иако поддршката на Вашингтон и другите западни партнери за Киев не е намалена, неодамнешните успеси на бојното поле на Украина може да го доведат Киев во подобра позиција за преговарање.
„Веројатноста за украинска воена победа, дефинирана како исфрлање на Русите од цела Украина, не е голема, воено. Може да има политичко решение каде што, политички, Русите ќе се повлечат, тоа е можно“, рече Мили.
Украина тврди дека руските трупи ограбуваат куќи во Херсон
За време на видео говорот на меѓународниот безбедносен форум Халифакс во Канада на 18 ноември, Зеленски рече дека Русија бара можност да се согласи на „кратко примирје“ за да ги надополни своите сили.
„Секоја искажана идеја за отстапки на нашата земја или за нашиот суверенитет не може да се нарече мир. Неморалните компромиси ќе доведат до нова крв“, рече Зеленски.