Ахмети: Со Алијанса за Албанците сме во разговори за влез во Владата

Али Ахмети, Димитар Ковачевски, Арбен Таравари

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети вели дека и тој и премиерот Димитар Ковачевски се во разговори за можен влез на Алијанса за Албанците (АА) во владата, но како што посочи, се уште е рано за некаков епилог од тие разговори.

„Беше отворена и оваа тема. Средбите со нивни претставници ги остварив јас. Ги има остварено и Ковачевски со Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес. Ние, како Албанци имаме потреба за поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на оставурање на мисијата“, рече Ахмети.

Премиерот Димитар Ковачевски пак вчера негираше дека со Таравари разговарале за влез во Владата.

„Имавме состанок со Таравари во Владата, а после тоа имаше некои шпекулации во јавноста околу тоа за што сме разговарале. На средбата разговаравме токму за тоа за што и кажавме, а тоа беше за европската иднина на државата која сите ја посакуваме и сите одлуки кои треба да се носат во парламентот со широк општествен и политички консензус“, изјави вчера Ковачевски.

Таравари по средбата со Ковачевски: Немаме официјални разговори за влез во Владата

Таравари во изјава за новинарите, по средбата со премиерот рече дека нема официјални разговори за влез на неговата партија во владата и дека нема ниту официјална, ниту неофицијална понуда.

Ковачевски и Таравари остварија средба во Владата на 18 ноември.