Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека не е оптимист пред разговорите во Брисел на 21 ноември со премиерот на Косово, Албин Курти.
„Одам во Брисел. Мислам дека не можеме ништо, но одам за да не и дадам доволно причини на Србија да биде обвинета дека не сака да направи ништо“, рече Вучиќ во гостувањето на српската телевизија Прва на 20 ноември.
Претседателот на Србија на 21 ноември во Брисел треба да се сретне со премиерот на Косово, во обид да се избегне дополнително заострување на односите меѓу двете земји под покровителство на Европската унија.
Вигемарк: Состојбата во северно Косово е „кревка“
Вучиќ за Прва потврди дека средбата ќе започне во 8 часот и ги повтори условите на Србија.
„Рековме дека мора да формирате Заедница на српски општини и мора, под два, да ја укинете одлуката за таблички“, рече Вучиќ.
Средбата се одржува поради кризата на релација Приштина-Белград, која настана откако припадниците на српската заедница на север ги напуштија косовските институции противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со КМ (Косовска Митровица) таблички издадени од српските власти.
Покрај барањето за повлекување на одлуката за табличките, политичките претставници на Србите своето враќање во институциите го условуваат и со формирање на Заедница на српските општини.