По целоноќни преговори постигнат договор на Самитот за клима во Египет

COP27 Самит

Годишната конференција на Обединетите Нации (ОН) за климатските промени, позната како COP27, која се одржува во Египет денеска усвои резолуција со која се предвидува создавање на наменски фонд за финансирање на штетите од климатските промени.

По тензичните преговори што траеја цела ноќ, египетското претседателство го објави текстот на нацрт-договорот и истовремено свика пленарна седница да го прогласи за конечен, сеопфатен договор. Одлуката веќе се нарекува историска, а беше усвоена со консензус на повеќе од 200 земји на пленарното собрание со громогласен аплауз, пишува Би-Би-Си.

Договорот ја нагласува потребата од нови, дополнителни, предвидливи и соодветни финансиски средства за помош на земјите во развој кои се особено ранливи на економските и неекономските ефекти од климатските промени.

Меѓу овие можни начини на финансирање е формирањето на т.н. „Фонд за одговор на загуби и штети“, што е барање на земјите во развој, кои се обединија по ова прашање.

Што најновата наука на ОН кажува за климатските промени?

Загубите и штетите станаа главна тема по разорните поплави што неодамна ги погодија Пакистан и Нигерија и беа ставени на дневен ред во последен момент, по долго двоумење на развиените земји и под услов да се отфрли прашањето за можна правна одговорност или оштета.

Начинот на кој што ќе се спроведува договорот, а со тоа и користењето на фондот, ќе треба да ги изработи посебен комитет на следниот COP28, на крајот на 2023 година во Обединетите Арапски Емирати.