Иранските безбедносни сили убија најмалку три лица во западната провинција Курдистан во протестите предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, соопшти организацијата за заштита на човековите права Хенгав.
Организацијата со седиште во Норвешка која ги следи злоупотребите во курдските области, за новинската агенција АФП на 19 ноември соопшти дека „репресивните владини сили отвориле оган врз демонстрантите во градот Дивандаре, убивајќи најмалку тројца цивили“.
Групата за човекови права соопшти дека безбедносните сили убиле најмалку 25 луѓе во Курдистан од вторникот, кога демонстрантите излегоа на улиците на годишнината од смртоносниот напад во 2019 година, познат како „Крвавиот Абан“ или Крвавиот ноември.
„Дваесет и три лица беа убиени со директен оган, едно со мачење и едно со прободување“, соопштија од Хенгав.
Протестите во Иран пркосат на предупредувањето на владата
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи во саботата вети „казна“ за „убиства“ и вандализам за време на протестите низ целата земја. Државната телевизија ја цитираше неговата изјава дека странските сили „се обидуваат да ги изведат луѓето на улица“ и „да ги исцрпат властите“, но тој рече дека не успеале.
Протестите во Иран започнаа на 16 септември, денот на смртта на Махса Амини (22 години) во болница, каде што беше сместена во тешка состојба по нејзиното апсење на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгиот кодекс на облекување жените во Иран.