Средбата помеѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ најверојатно ќе се одржи во недела, на 20 ноември, информираат од косовската влада за балканскиот сервис на РСЕ.
Средбата се одржува поради кризата на релација Приштина-Белград, која настана откако припадниците на српската заедница на север ги напуштија косовските институции противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со КМ (Косовска Митровица) таблички издадени од српските власти.
Сите српски партии ги бојкотираат локалните избори на северот на Косово
Овие таблички се нелегални за Косово, но досега беа толерирани во четири општини со српско мнозинство на северот.
Претходно и косовскиот премиер Курти потврди дека течат преговорите по ова прашање, но дали ќе бидат успешни останува да се види во наредните денови.
Во меѓувреме, портпаролот на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Петер Стано, изјави дека Курти и Вучиќ биле поканети на средба во Брисел за да се најде решение за табличките.
„Итно ги поканивме двете страни во Брисел да се најде европско решение за сегашната ситуација, која е најсериозна од 2013 година, а целта е да дојдеме во Брисел да разговараме за решението“, рече Стано.