Мора да има одговорност за издавањето на македонско државјанство на украинскиот државјанин Олексндр Онишченко, кој што е на црната листа на САД, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски рече дека е огорчен што институциите во земјава дозволиле таков пропуст, а причините очекува да ги открие внатрешната истрага во Агенцијата за национална безбедност.
„Јас сум навистина непријатно, не би кажал изненаден туку би кажал огорчен од начинот на кој што лице кое што е на црната листа на САД, наш стратешки партнер, ги има добиено сите позитивни мислења за добивање на државјанство на Северна Македонија. Она што е обврска на Агенцијата за национална безбедност е да спроведе сеопфатна истрага внатре во своите редови, во однос на тоа како е спроведена постапката и за тоа да ја информира Владата секако на затворена владина седница, бидејќи тоа се сензитивни информации“, изјави Ковачевски.
Димовски: Го најдовме виновникот, јас не чувствувам одговорност за државјанството за Онишченко
Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски вчера по сослушувањето во Собранието рече дека тој не чувствува одговорност за случајот, но дека е лоцирано едно лице во Агенцијата, кое без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО, дало согласност дека за украинскиот државјанин Олексндр Онишченко нема безбедносен ризик. Димовски нагласи дека сега се утврдува дали се работи за пропуст, намера или лукративен интерес.
Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во коњички скокови на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.