ВМРО-ДПМНЕ денеска објави нови имиња на функционери во аферата која ја нарекоа „Паразити“. Членот на Централниот комитет на партијата, Ивица Томовски, обвини дека поранешениот директор на ЈП Државни патишта Зоран Китанов, како претседател на Одборот на директори на Телеком земал месечна плата од над 6.200 евра.
Томовски обвини и дека Садула Дураку од ДУИ како заменик претседател на Одборот на директори за еден месец земал 1.500 евра плата, а плата од 1.000 евра земала и Шкодране Дардишта од ДУИ.
Од партијата тврдат и дека Васко Ковачевски од ЕЛЕМ и Орхан Муртезани од МЕПСО месечно земаат и по 1.700 евра.
„Ова се функционери, од кои јавноста не видела никаков бенефит. Тие се паразитите во ова општество. Во најтешка економска криза земаат илјадници евра плата, а нивниот придонес за државата е нула“, изјави Томовски.
Тендери и вработувања „свои деца“
Од СДСМ пак возвратија со обвинување дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како советник на Никола Груевски и Емил Димитриев за енергетика во периодот од април 2015 до октомври 2016 година, секој месец добивал хонорар од 1.100 евра, а дека неговата месечна нето плата како директор и претседател на Управниот одбор во ЕЛЕМ изнесувала 98.000 денари нето.
„Покрај што земал хонорари и плата од АД ЕСМ Мицкоски добивал надоместок и после неговото разрешување.Иако по разрешувањето од функцијата директор и претседател на Управниот одбор се вратил да работи како професор на факултет за 12 месеци на име разлика во плата од АД ЕСМ добивал месечно 60.444,00 денари.
За 12 месеци му се исплатени вкупно 805.920,00 денари бруто.По раскинување на менаџерскиот договор, примил уште над 13.000 евра пари од граѓаните“, соопшти портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Освен Мицкоски, од СДСМ ја обвинија и Гордана Кочоска Димитриевска дека уште една година по разрешувањето од функцијата член на управен одбор и директор за финансии на тогашното АД ЕЛЕМпримала цела плата од 66.432 денари.