Велика Британија го обвини Иран за крвопролевање од Блискиот Исток до Киев

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, го обвини Иран за „крвопролевање“ и порача дека ќе работи со сојузниците за да се спротистави на Техеран, во своето обраќање пред лидерите во Бахреин.

Украина и нејзините западни сојузници го обвинија Иран дека ја снабдува Русија со беспилотни летала што Москва ги користеше во последните недели за напади во Украина.

„Оружјето испорачано од Иран му се заканува на целиот регион. Режимот прибегна кон продажба на вооружени дронови во Русија кои убиваат цивили во Украина“, рече британскиот министер за надворешни работи.

Неговата изјава доаѓа ден по изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која исто така предупреди дека оружјето на Иран претставува закана за Европа, пишува новинската агенција АФП.

Дроновите во војната во Украина

Критиките доаѓаат во време кога Иран се соочува со масовни протести, по смртта во септември на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена од иранската полиција за морал поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на жените.

„Додека нивниот народ демонстрира против децениското угнетување, иранските владетели шират крвопролевање и уништување низ регионот, па дури и до Киев. Британија е решена да работи заедно со нашите пријатели за да се спротивстави на иранската закана“, рече Клеверли.

Во понеделникот, Европската унија воведе санкции за повеќе од 30 високи ирански функционери и организации поради потиснување на демонстрантите и снабдување на Русија со дронови.