Амбасада на САД - Збунети сме од изборот на Абази

Американската амбасадорка Анџела Агелер

Американската амбасадорка Анџела Агелер го критикуваше изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК). Во писмен одговор на прашања за редакцијата на „360 степени“, таа изразува отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата.

Видете и ова: Дамка на изборот на Абази, испливаа фотографии со членови на ДУИ

Амбасадорката и Амбасадата додаваат дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.

„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, одговори амбасадорката на САД во земјава, Агелер, на прашањето на „360 степени.

На истото прашање на редакцијата до холандската Амбасада во земјава, се вели дека „за Холандија, владеењето на правото е од огромно значење и внимателно ги следиме сите случувања во правосудниот сектор во Северна Македонија“.

Од Делегацијата на ЕУ во земјава, пак, на истото прашање нагласуваат дека „очекуваат новиот шеф на ОЈО за ГОКК да работи посветено и во дух на независност и дека борбата против корупцијата ќе биде под детален надзор на ЕУ“.

Видете и ова: Абази именуван за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал

Обвинителот од Гостивар, Ислам Абази, беше избран за шеф на ОЈО за ГОКК на 7 ноември, откако тој доби највеќе гласови од своите колеги, вкупно 66. Неговата колешка од Вишото обвинителство – Гостивар, Деса Пауновска доби најмалку гласови, односно 10, Ермон Незири од скопското обвинителство доби 64 гласови, додека Вилма Русковска која исто така се кандидираше освои 14 гласови.

Согласно Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаа сите јавни обвинители во земјата.