Министерството за образование и наука информира дека вчера почнала испораката на новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование. Според најавите, до крајот на овој месец ќе биде завршена дистрибуцијата на 70 проценти од учебниците за овие одделенија.
„Станува збор за 52 учебника изработени согласно нови наставни програми и напишани на сите јазици на кои се изведува наставата во основните училишта во државата – македонски, албански, турски, српски и босански јазик. Тие ќе ги заменат наставните материјали кои ги користат најмалите ученици, а ја обработуваат материјата за првото тримесечје. Веднаш по овој приоритет, продолжува печатењето на повеќе нови учебници за средното стручно образование“, соопшти Министерство за образование и наука.
Од почетокот на 2022/2023 година учениците од прво, второ, четврто и петто одделение користат материјали за учење во кои се разработени содржини за првото тримесечје од учебната година.
Наместо учебници, чие печатење доцнеше, овие околу 75 илјади ученици скоро три месеци учат од привремени материјали за кои државата потроши 640 илјади евра.