Службите испитуваат дали имало безбедносен пропуст за време на сведочењето на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски на затворената седница на собраниската Комисијата за надзор на работата на безбедносните служби. На комисиската седнива присуствуваа само пратеници кои имаат безбедносен сертификат. Димовски пред пратениците требаше да објасни како Украинецот Олександар Онишченко, кој е на американската „црна листа“, добил македонско државјанство.
Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз на говорницата во Собранието рече дека од некои новинари добил информација дека тонот од затворената комисиска седница, на која сведочеше Димовски, се слушал во позадина на јутуб-преносот од пленарната седница на Собранието која беше во исто време. Трајанов побара да се испита состојбата и да се утврди дали е точно.
„Крајно неодговорно е да држиме затворена седница за исклучително битни прашања, а преку стримингот наводно некои од новинарите ги слушале тие информации“, рече Трајанов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претседателот на Собранието Талат Џафери нервозно одговори дека не е коректно работа која не е испитана да се изнесува во јавност.
„Пред да дојдете вие овде да кажете што било, преземено е сè што требало да преземам како претседател на Собранието. Тоа е истрага, а знаете дека во истрага не може да оди во јавност постапката што се спроведува. Барем вие Павле треба да го знаете тоа“, рече Џафери.
Седницата потоа беше одложена, а преносот од Собранието е исклучен.
Откако беше прекинат распитот, Димовски пред новинарите рече дека веќе е лоцирано е едно лице, кое без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО, дало согласност дека за украинскиот државјанин Олексндр Онишченко нема безбедносен ризик.
„Истражуваме дали станува збор за пропуст, намера или лукративен интерес. Ќе го откриеме, нема да застанеме“, рече Димовски пред новинарите.
Неизвесно е кога ќе продолжи затворената седница за неговиот распит пред собраниската Комисија за надзор на работата на безбедносните служби.
Димовски претходно побара седницата да биде затворена за јавност поради, како што рече, класифицираните информации што ќе ги изнесе.
Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во коњички скокови на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.
Премиерот Димитар Ковачевски претходно најави дека упатил барање до институциите кои дале позитивни мислења за државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата. Вчера и претседателот Стево Пендаровски изјави дека случајот со Онишченко претставува сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ и на државата, како членка на НАТО.