Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Димитар Ковачки обвини дека Министерката за одбрана Славјанка Петровска, криела луксузен имот, односно во својот Анкетен лист до ДКСК пријавила само долгови, два кредити и една кредитна картичка, ама не и луксузен имот во Радишани. Петровска ги демантираше обвинувањата и побара извинување од Ковачки
кој на прес-конференција ги изнесе овие тврдења.
„Вистината е дека Славјанка Петровска поседува огромна хациенда со базен во Радишани. Ова е хациендата на Петровска. Во таа хациенда има голем базен, целиот имот е ограден со голема двометарска ограда, што може да се види од следните слики. Ова е евидентниот лист на Петровска од Катастарот на недвижности. Овој имот на Петровска е евидентиран и во Агенцијата за Катастар на недвижности, прибележан во евидентен лист во катастарската општина Радишани. И се наоѓа на улица Радишанска“, рече Ковачки објавувајќи фотографии од имотот.
Притоа ја повика Петровска веднаш да си поднесе оставка и побара функционерите да бидат отчетни и чесни.
Петровска пак, исто така на прес-конференција, демантираше дека криела имот и ваквите тврдења ги нарече груба лага и манипулација.
„Имотот кој бегалецот Ковачки го посочи, никогаш не сум го поседувала. Единствено што поседував, е плац кој со уредно склучени договори за купопродажба, е оттуѓен, односно продаден пред повеќе од десетина години“, рече Петровска.
Таа му даде рок од 24 часа на Ковачки да се извини за. како што рече, овие невистини, и на неа и на семејството кое како што појасни, сега сега легално живее на овој имот во Радишани. Во спротивно најави тужба за клевета.