Затворено за јавност сослушувањето на директорот на АНБ за случајот Онишченко

Сослушување на директорот на АНБ, Виктор Димовски, за случајот Олександр Онишченко

Денешната седница на собраниската Комисија за надзор на работата на безбедносните служби, на која треба да се утврди како добил македонско државјанство украинскиот граѓанин Олександар Онишченко, ќе биде затворена за јавност. Ова беше побарано од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски поради, како што рече, класифицираните информации што ќе ги изнесе.

Барањето на Димовски за затворање на комисиската седница за јавноста беше поддржано од пет пратеници членови на Комисијата.

На седницата ќе може да присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносен сертификат.

Димовски најави дека на седницата под точката „Разно“ ќе се произнесе и по обвинувања дека АНБ ги злоупотребува средствата и ресурсите за следење на опозицијата.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно најави дека упатил барање до институциите кои дале позитивни мислења за државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата. Вчера и претседателот Стево Пендаровски изјави дека случајот со Онишченко претставува сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ и на државата, како членка на НАТО.