Обвинителката Фатиме Фетаи најавила повлекување на својата кандидатура за шеф на Вишото јавно обвинителство - Скопје. Како што информираше претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, по електронска пошта добиле известување за повлекување на кандидатурата на Фетаи, но ќе бараат потврда на веродостојноста на информацијата.
„Добивме мејл, но официјална потврда или негација нема. Јас побарав да ми се јави, но се уште немам повратна информација“, изјави Јолевски за МИА.
Изборот на нов шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје беше на дневен ред на 70-тата седница на Советот на јавни обвинители во понеделникот на 14 ноември, но кога стигна оваа точка, беше одложена за, како што беше посочено, членовите да имаат доволно време за разгледување на досиејата на кандидатите.
За шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје пријавени беа тројца кандидати, обвинителката Фатиме Фетаи, постојниот обвинител Мустафа Хајрулахи и Бурим Рустеми.
Продолжението на 70-тата седница на Советот за Јавни обвинители е закажано за в понеделник на 21 ноември.