Поефикасни интерни контроли и воспоставување соодветни критериуми за распределба на средствата од Агенцијата за млади и спорт-АМС, до националните спортски федерации (НСФ) и спортистите се меѓу клучните препораки во ревизорскиот извештај објавен денеска од Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Тој се однесува на 2021 година, а правена е ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на сметката на основен буџет. Притоа ревизорите изразиле неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година.
Како што наведуваат од ДЗР, со извршената ревизијата е констатирано дека АМС не воспоставила соодветни внатрешни контроли кои треба да го обезбедат наменското и законското користење на средствата кои се трансферираат на националните спортски федерации за реализација на нивните активности. Во однос пак на распределбата на средства до федерациите, АМС не изградила соодветни критериуми за да обезбеди систем на објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на федерациите, а склучените договори со нив не содржат одредби со кои ќе се допрецизира намената на одобрените средства.
Слични слабости се констатирани и во делот на средствата кои се исплатени за поддршка на млади и талентирани спортисти „Спортска надеж” како и за распределбата на средства по издадените ваучери за спорт.
„ Дел од финансиските извештаи за потрошените средства кои се трансферирани на НСФ не содржат целосна документација за сите средства кои се примени од АМС, дел од документацијата по основ на подигнати девизи од банка и реализирани патувања на спортисти во странство е неуредна или целосно недостасува поради што не може да се поврзе со направените трошоци, дел од НСФ исплатиле прекумерен износот на средства за исплата на раководните лица во федерациите, а вршен е и трансфер на средствата од наменските сметки на НСФ кон спортски клубови без да се обезбеди соодветна документација за реализираниот трошок“, стои во извештајот.
Во поглед на реализацијата на капиталните инвестиции на кои работи АМС ревизорите констатирале значително доцнење во градежните работи кај шест објекти, а според ДЗР, се јавува и неизвесност во врска со нивното идно завршување..
Во делот за нагласување на прашања за неизвесност и континуитет ДЗР се осврнува на повеќе судски спорови во кои, како што наведува, АМС се јавува како тужена странка и чие разрешување може дополнително да го оптовари финансиското работење на субјектот во иднина.