Битиќи порачува дека недозволиво е производство на струја по поскапа цена од берзанската

Илустративна фотографија

Ако на пазарот има струја со берзанска цена пониска од производствената, недозволиво е таа да се произведува со повисока цена, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи појаснувајќи дека тоа е причината поради која се прави привремен увоз на електрична енергија.

Тој уверуваше дека ќе има доволно струја до крајот на годинава, како и дека домаќински се управува со енергетската криза.

„Тековното работење не треба да ги засега сите затоа што на крајот на денот енергетскиот биланс ќе биде тој којшто го кажавме пред некој месец со планот до крај на годината. Од јануари ќе гледаме како ќе продолжиме понатаму, но и претходно сме докажеле дека тоа што ќе го ветиме, го испорачуваме“, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.

Битиќи нагласи дека се прават сите подготовки за во декември да почне производството со сите расположливи домашни капацитети. Дополни дека ТЕЦ Неготино сега е во процес на ремонт, но како што изјави, неговата производна цена на електричната енергија е повисока од берзанската цена поради што не било логично да произведува струја.

Во врска пак со јавната кампања „Штеди струја“ која беше најавена пред два дена, Битиќи истакна дека финансиските средства за нејзино спроведување не се од Буџетот, туку од општествено одговорни компании.

„Не знам дека на Влада имаме одобрено финансиски средства за тоа и затоа мислам дека е битна пораката која се испраќа со кампањата“, истакна Битиќи.

Инаку, од електроенергетскиот систем ноќеска околу полноќ беше исклучен Блок 1 на РЕК Битола. Како што соопштија од ЕСМ, се работи за планско исклучување заради санација на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката. Оттаму најавија дека во понеделник блокот повторно да биде на мрежа, а исклучувањето е планирано за викенд поради намалената побарувачка на струја.

Електричната енергија од Блок 1 на РЕК Битола, АД ЕСМ ќе ја надомести со зголемување на производството во останатите свои постројки, како и со набавката на струја за која компанијата има веќе склучен договор до 20 ноември.