Северна Кореја истрела сомнителна интерконтинентална балистичка ракета, слета во близина на Јапонија

Илустративна фотографија

Северна Кореја истрела сомнителна интерконтинентална балистичка ракета во петокот, која слета на само 200 километри од Јапонија и имаше доволен дострел да стигне до копното на Соединетите држави, изјавија јапонските власти за новинарите.

Лансирањето, пријавено и од јужнокорејски и од јапонски функционери, доаѓа еден ден по помалото ракетно лансирање од Северот и неговото предупредување за „пожесток воен одговор“ на САД за зајакнување на нивното регионално безбедносно присуство.

Како што изјави претставник на Белата куќа, поради ова американската потпретседателка Камала Харис ќе се сретне со лидерите на Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Австралија и Нов Зеланд на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во петок, за да разговараат за лансирањето.

Харис е во Тајланд на самитот на АПЕК, во услови на засилени геополитички тензии поради војната во Украина и други точки како Тајван и Корејскиот полуостров.

Со денешното лансирање се засилува рекордната година за ракетната програма на Северна Кореја, откако таа продолжи со тестирање на интернонитинентални балистички ракети за прв пат од 2017 година и го прекрши самонаметнатиот мораториум за лансирање со долг дострел, бидејќи преговорите за денуклеаризација беа во застој.