Пратениците во собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва не ги прифатија двата амандмани со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари и да се исплаќа до крајот на учебната 2022/23 година.
Само неколку часа претходно, симболично со жолти картони и голем транспарент со натпис „Дали е ова 1939? Без образование нема држава“, претставници на универзитетските студентски собранија заедно со новоформираното движење Студентски отпор на Светскиот ден на студентите маршираат од пред Влада до Министерството за образование и наука (МОН).
Тие, извикувајќи „Студентски отпор“ и „нема да ви помине“, побараа повеќе пари за студентски оброк, квалитетно образование, подобри услови во домовите, поголеми стипендии…
„Ние сме иднина на ова општество, но некој можеби не гледа на друг начин. Некој не гледа како средство за манипулација, како средство за гласови. Но, таа жолта карата што ја држите во својата рака, таа е знам дека нашите очи гледаат многу подалеку од нечии туѓи“, рече Јован Јанев од Студенти отпор, во обраќањето пред Министерството за образование.
Годината на транспарентот 1939-та ја означува годината кога нацистите ги нападнале студентите во Прага, рече Славчо Темеловски, претседател на универзитетското студентско собрание на УКИМ.
На денешната седница собраниската Комисија го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, со кој се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно. Сега предлогот е проследен на натамошна постапка во Собранието.
Преодното решение предвидува исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови како и досега со траење до март 2023 година. Потоа ќе треба да се донесе нов закон.
Студентите треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември до сега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.
Од опозицијата обвинија дека со новото законско решение се изигруваат студентите со кои на средбите во Собранието било договорено, како што кажаа, субвенционираниот студентски оброк да биде 140 денари.