Соединетите Американски Држави воведоа санкции за над десетина компании со седиште во Кина, Хонгконг и Обединетите Арапски Емирати, кои Вашингтон ги обвини дека ја олеснуваат продажбата на ирански нафтени деривати на купувачи во Источна Азија.
Последниот чекор на САД против шверцот на иранска нафта доаѓа во време кога се заглавени напорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, а врските меѓу Исламската Република и Западот се сè позатегнати додека Иранците продолжуваат со антивладините протести, јавува Ројтерс.
Во соопштението на американското Министерство за финансии се вели дека 13-те компании санкционирани на 17 ноември ја олесниле продажбата на ирански нафтени производи во вредност од стотици милиони долари на купувачи во Источна Азија.
„Денешната акција дополнително ги покажува сложените методи за избегнување на санкциите наменети за Иран. Иран ги користи тие методи за незаконска продажба на нафта и нафтени производи“, рече во соопштението заменик-секретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии, Брајан Нелсон.
„САД ќе продолжат да спроведуваат санкции против оние актери кои ја олеснуваат оваа продажба“, рече тој.
Иранската мисија во Обединетите нации во Њујорк не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.