Симболично со жолти картони и голем транспарент на кој пишува „Дали е ова 1939? Без образование нема држава“, претставници на универзитетските студентски собранија заедно со новоформираното движење Студентски отпор на Светскиот ден на студентите маршираат од пред Влада до Министерството за образование и наука (МОН).
Тие извикуваат „Студентски отпор“ и „нема да ви помине“.
Студентите бараат повеќе пари за студентски оброк, квалитетно образование, подобри услови во домовите, поголеми стипендии…
Видео од маршот на студентите во Скопје, 17.11.2022
„Ние сме иднина на ова општество, но некој можеби не гледа на друг начин. Некој не гледа како средство за манипулација, како средство за гласови. Но, таа жолта карата што ја држите во својата рака, таа е знам дека нашите очи гледаат многу подалеку од нечии туѓи“, рече Јован Јанев од Студенти отпор, во обраќањето пред Министерството за образование.
Годината на транспарентот 1939-та ја означува годината кога нацистите ги нападнале студентите во Прага, рече Славчо Темеловски, претседател на универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Студентите ги кренаа жолтите картони до властите, како опомена. Потоа ги оставија на тротоарот пред МОН, заедно со чинии со леб и зденка, каков што појадок добиваат во студентските домови.
Студентски протест се одржа и пред три дена против предлог мерките на дел од пратениците со кои се предвидуваше кратење на правото на субвенциониран студентски оброк за одредени категории на студенти, по што предлозите беа повлечени.
Собранието на 16 ноември изгласа измените на Законот за субвенциониран студентски оброк да се носат по скратена постапка.