ЕУ очекува Србија да се активира во борбата со дезинформациите

Знаме на ЕУ

Европската комисија(ЕК) очекува Србија да преземе акција за активна борба против манипулацијата со информации, вклучително и дезинформации и други форми на хибридни закани, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Тој реагираше на почетокот на емитувањето на „Russia Today“ (РТ) на српски јазик. Станува збор за медиум контролиран од Кремљ, кој се финансира од државниот буџет и има забрана за емитување во ЕУ од март 2022 година.

„РТ е дел од руските пропагандни и дезинформациски инструменти кои ја следат нејзината нелегална агресија врз Украина“, рече Стано во писмениот одговор до РСЕ.

Тој посочи дека се очекува Србија како земја кандидат за членство во ЕУ постепено да се усогласува со заедничката европска надворешна и безбедносна политика.

„Во контекст на тековната руска агресија против Украина, очекуваме Србија да се воздржи од интензивирање на односите со Русија“, рече Стано, додавајќи дека тоа е вклучено во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија на нејзиниот европски пат.

РТ на српски јазик почна со работа на 15 ноември. Се работи за емитување на вести на српски јазик на веб страница.

Во соопштението објавено на сајтот на РТ на руски јазик, беше најавено дека до 2024 година ќе започне емитувањето и на телевизиската програма на српски јазик.

Иако Србија ги поддржа резолуциите во декларациите на Обединетите нации (ОН) и ЕУ со кои се осудува руската инвазија на Украина, официјален Белград одбива да воведе санкции кон Русија, на што Брисел и Вашингтон постојано предупредуваат.