Неколку дена пред изборите во четирите мнозински српски општини на северот на Косово нема ниту една пријавена партија или кандидат. Покрај водечката Српска листа, која има поддршка од официјален Белград, ни претставниците на опозицијата не сакаат на избори.
Косовската претседателка Вјоса Османи за 18 декември распиша избори за градоначалници во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, откако претседателите на овие општини од Српската листа поднесоа оставки. Тие се противат на одлуката на косовската Влада за пререгистрација на возилата со РКС (Република Косово) регистарски таблички.
Српската листа, водечка партија на косовските Срби, која од 2013 година ја држи власта во сите 10 општини со српско мнозинство, веќе соопшти дека на претстојните избори во северните општини нема да има свои кандидати. Тие рекоа дека во изборниот процес нема да учествуваат ни граѓаните кои ги поддржуваат.
Според информациите на Радио Слободна Европа, до објавувањето на овој текст, во Централната изборна комисија не била пријавени ниедна кандидатура за изборите. Рокот за поднесување на пријавите истекува на 21 ноември.
Инаку, предизборната кампања треба да трае од 8 до 16 декември.
На претходните локални или парламентарни избори по косовскиот систем, противници на Српската листа беа кандидати од Партијата на косовските Срби, Граѓанската иницијатива „Српски опстанок“, Прогресивно демократската партија, како и поединци како независни кандидати.
Сепак, сега сметаат дека овој пат е невозможно да учествуваат на изборите поради актуелната политичка ситуација.
Регистарските таблички за косовските општини кои ги издаваат српските власти за Косово се нелегални. Владата на 1 ноември донесе план за замена на овие таблички со косовски.
Според планот, до 21 ноември ќе им се издаваат само опомени на возачите со тие таблички, а потоа ќе следуваат казни. Во третата фаза треба да се издаваат пробни таблички, а од април наредната година во употреба ќе бидат само регистарски таблички со знакот РКС.
Во знак на протест, косовските Срби на 5 ноември одлучија да излезат од сите политички институции, Собранието, Владата и четири општини на северот на Косово, но и да го напуштат учеството на Србите во судството, полицијата и административниот персонал во четирите општини на северот.