Хамиди – Платите во М-НАВ не се од буџетот на државата

Меѓународен аеродром Скопје

Платите во Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје не се од буџетот на државата, рече директорот на компанијата Фахрудин Хамиди на денешниот брифинг.

Тој зборуваше за аферата „Паразити“ што ја објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според која Хамиди со месечна плата од 345.000 денари (околу 5.628 евра), за еден мандат од четири години заработува пари колку обичен граѓанин за 76 години, или за два работни века.

Хамиди вели дека од буџетот на државата не се користат пари нуту за плати на вработените во акционерското друштво, ниту за капитални инвестии.

Платите се оформени според комплексноста на дејноста, како и за да се спречи „одлив на мозоци“. М-НАВ се финасира од средства што ги добива од Јуроконтрол, вели Хамиди.

Тој рече и дека за време на корона кризата компанијата била во тешка финансиска состојба поради екстремно намалениот број на летови. Тогаш се обратиле до Владата, но не добиле никаква помош.

Опозициската партија на 14 ноември почна со објавување на аферата „Паразити“, велејќи дека власта живее во луксуз, а владини функционери и директори на државни компании земаат огромни плати.

Премиерот Димитар Ковачевски на 15 ноември најави дека Владата со закон ќе ги уредува платите на раководните лица во државниот сектор. Според него, мора да се стави ред и конзистентност во примањата. Со законот за плати, како што најави, ќе се дефинира најголемата плата во државата и сите плати потоа ќе бидат креирани врз основа на таа највисока плата.