Софијанова ги вратила парите, па си дала оставка на Детската клиника

Универзитетски клинички центар Мајка Тереза

Поранешната директорка на Клиниката за детски болести Аспација Софијанова пред да даде оставка ги вратила на Клиниката сите исплатени средства, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали, во одговор на новинарско прашање на денешното одбележување на Светскиот ден на предвремено родени бебиња.

Директорката на Детската клиника заедно со директорот на Клиниката за Онкологија, доктор Нино Васев минатиот месец поднесоа оставки, откако во јавноста излегоа информации дека си исплаќале високи додатоци за дежурства и прекувремена работа.

Минатиот месец името на Софијанова ги полнеше медиумите, откако новинарот Фуркан Салиу објави дека директорката земала над 5.000 евра плата, а поголем дел од тоа биле надомест за дежурства, на кои, според документите што ги имал Салиу, таа не била на работа.

Потоа Софијанова преку социјалните мрежи објаснуваше дека ниту еден денар не земала надвор од својата работа.

На 2 ноември Министерството за здравство информираше дека Софијанова и Васев поднеле оставка на барање на министерот за здравство.