Авионот на летот МХ 17 на малезиската авиокомпанија „Малезија ерлајнс“ во 2014 е соборен со проектил од руско производство истрелан од поле во источна Украина, објави на 17 ноември холандскиот суд. Судот го водеше судењето против четворицата осомничени за соборување на авионот.
„Судот смета дека MХ 17 бил соборен со проектил БУК истрелан од фарма во близина на Первомајск, при што загинале 283 патници и 15 членови на екипажот“, рече судијата претседавач Хендрик Стинхуис.
Холандскиот суд, исто така, објави дека Русија имала целосна контрола врз сепаратистичките сили во источна Украина во моментот кога бил соборен авионот.
Руското Министерство за надворешни работи најави дека ќе го „испита“ ова мислење на холандскиот суд.
Авионот на малезиската компанија кој леташе на релација Амстердам-Куала Лумпур беше соборен на 17 јули 2014 година над источна Украина во областа Доњецк.
Сите 298 патници и членови на екипажот на Боингот 777 загинаа, а повеќето од патниците беа Холанѓани.