Бајден, Ердоган, Трамп, Ковачевски...

САД - Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, изјави дека вработените имаат рок до четврток навечер да одлучат дали сакаат да останат дел од компанијата, пренесува АП. Во мејлот испратен до вработените, Маск напиша дека вработените „ќе мора да бидат крајно тврдоглави“ за да создадат „Твитер 2.0“ и дека за успехот ќе бидат потребни долги часови работа со висок интензитет.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден бара од американскиот Конгрес повеќе од 37 милијарди долари итна помош за Украина. Барањето за финансирање на администрацијата вклучува и 9,25 милијарди американски долари финансирање за борба против ковид 19 пред можниот зимски бран на пандемијата.

БУГАРИЈА - Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, по консултациите со бугарскиот претседател, Румен Радев, најави дека нејзината партија нема да го поддржи првиот мандат на ГЕРБ, јави дописникот на МИА од Софија.
„Доколку ги покани „Промените продолжуваат“ ќе учествуваме во вториот обид за формирање бугарска Влада,“ изјави таа.

ЕУ - Шпанија и Шведска ја прекинаа таканаречената тивка процедура за визна либерализација за Косово. Како резултат на прекинот, не беше усвоен текстот според кој безвизниот режим би се укинал со стапување на сила на системот ЕТИАС најдоцна на 1 декември 2023 година. Како што дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори, Шпанија има забелешки за датумот наведен во текстот, кој се совпаѓа со мандатот на оваа земја на чело на Европската унија (помеѓу 1 јули и 31 декември 2023 година), а на Шведска, според истите извори, потребно и е дополнително време за консултации со парламентот.

УКРАИНА - Украинските власти изразија сомнеж дека проектилот што падна врз Полска на 15 ноември потекнува од силите за воздушна одбрана на Украина (ПВО). Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, денеска рече дека Киев сака заедничко проучување на инцидентот со неговите западни партнери и да ги разгледа информациите што ја формираат основата за заклучоците на неговите сојузници.

МАКЕДОНИЈА - Собранието на Република Северна Македонија изгласа предлог законот за изменување на Законот за субвенционирање на студентски оброк да се носи по скратена постапка. Предлогот беше усвоен со 54 гласови и Собранието ги задолжи Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело и Законодавно-правна комисија да расправа по предлогот.

МАКЕДОНИЈА - Дел од огранокот на Алтернатива во Чаир пред неколку дена побарале оставка од министерот за здравство Беким Сали и посочиле дека ако претседателот на партијата Африм Гаши во рок од 10 дена не иницира смена на министерот, ќе има последици во партијата. Министерот Сали на денешната прес-конференција истакна дека незадоволствата доаѓаат од поединци кои, како што рече, реагираат поради нивни лични интереси.

СРБИЈА - Од почетокот на неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина како и по најавената мобилизација во Русија во Србија пристигнале над 100 илјади руски државјани и околу 18 илјади бегалци од Украина. Ова се официјалните податоци на луѓе кои што се пријавиле, но нивниот број се проценува дека е многу поголем јавува српскиот јавен сервис РТС. Според објавените податоци во српските училишта се запишани 600 ученици од Русија и Украина.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи информира дека денешните дојави за бомби поради кои беа евакуирани седум училишта се лажни. Во нивното соопштение е наведено дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници биле преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.

АЛБАНИЈА - Нападите на иранските хакери во албанската кибернетичка мрежа и постојано објавувањето мејлови и документи на високи функционери, донесе директна закана по националната безбедност, поради што владата одлучи да ги модернизира серверите на албанскиот систем.

ШПАНИЈА - Францускиот државен секретар за Европа, Лоран Бун, денеска изјави дека Франција секогаш ја поддржувала и ќе продолжи да ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон европската интеграција. Таа на средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека Северна Македонија има свое место во Европската Унија.

МЕКСИКО - Мексиканските власти заплениле пластични кеси со 2.000 апчиња од наркотична супстанца фентанил , кои очигледно биле печени во традиционални полупечени лепчиња. Мексиканската Национална гарда сугерира дека нарко-картелите се обидуваат да ја доставуваат дрогата преку пратките со традиционални мексикански производи.

САД - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп синоќа најави дека ќе побара од републиканците повторно да го номинираат за кандидат за претседател на следните избори кои треба да се одржат во 2024 година. Тој пред неговите поддржувачи изјави дека ја објавува својата кандидатура за претседател во САД со цел, како што вели, да ја направи Америка повторно голема и славна.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека инсистирањето да се впери прст кон Русија за проектилот што ја погоди полската територија во близина на границата со Украина е провокација. Тој доддаде дека негирањето на Русија дека е вмешана е „важно“ и треба да се почитува.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека малку е веројатно во линиите на траекторијата на проектилот што слета во Полска, членка на НАТО и уби две лица да е истрелан од Русија. Бајден, говорејќи по свикувањето на вонредни разговори со лидерите на западните сојузници во Бали, Индонезија, на маргините на самитот на Г20, вети поддршка за истрагата на Полска за, како што ја нарече, ракета „произведена од Русија“.