Народна банка ја зголеми каматната стапка на 4, 25 проценти

Народна банка, НБРМ

Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,75 процентни поени и сега е на ниво 4,25 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата е одлучено понудата на благајнички записи на редовната аукција да остане непроменета и да изнесува 10 милијарди денари.

Од централната банка информираа дека и Советот на централната банка има донесено одлука за промена на стапките на задолжителна резерва на банките, заради натамошно стимулирање на штедењето во домашна валута.

Со овие промени, како што посочуваат, се задржува континуитетот на затегнување на монетарната политика користејќи поширок сет монетарни инструменти, коешто започна уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност.

„Промените во поставеноста на политиката на Народната банка се реакција на зголемените ценовни притисоци. Инфлацијата во последните месеци забрза, за што растот на цените на храната има најголем и растечки придонес. Тоа го нагласува влијанието на увезените ценовни притисоци од храната и енергијата врз домашната инфлација, врз коишто монетарната политика нема директно влијание. Сепак, имајќи ги предвид преносните ефекти и подигнувањето на инфлациските очекувања, овие поместувања во инфлацијата наметнуваат потреба од монетарна реакција“, оценуваат од Народната банка.

Во соопштението се наведува и дека според тековните остварувања и оцените за увозните цени, ризиците за инфлацијата се нагорни.

Домашниот девизен пазар е стабилен, а во однос од активноста во домашната економија, од Народната банка информираат дека расположливите податоци упатуваат на забавување на реалниот економски раст.