Од почетокот на неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина како и по најавената мобилизација во Русија во Србија пристигнале над 100 илјади руски државјани и околу 18 илјади бегалци од Украина.
Ова се официјалните податоци на луѓе кои што се пријавиле, но нивниот број се проценува дека е многу поголем јавува српскиот јавен сервис РТС. Според објавените податоци во српските училишта се запишани 600 ученици од Русија и Украина.
Српските медиуми јавуваат дека Русите и Украинците не само што ја промениле демографската слика во Србија, туку и пазарот на труд и недвижности.
Цените за изнајмување станови во Белград се речиси тројно зголемени во последните два месеци, а како што јавува агенцијата Бета од руски граѓани, речиси е невозможно да се најде стан во центарот на главниот град со месечна кирија помала од 1.000 евра.
Само една агенција за недвижности досега има издадено повеќе од 3.000 станови на Руси, поретко и на Украинци. Цената за изнајмување е двојно зголемена во изминатите шест месеци.
Уделот на руските граѓани кои изнајмуваат станови се искачи на речиси 90 отсто. Што се однесува до профилот на луѓе кои доаѓаат од Русија, кои изнајмуваат станови во Белград, тоа се претежно помлади лица, до 35 години, кои работат во ИТ секторот.
Децата на украинските и руските државјани подеднакво посетуваат настава, но имаат различен статус во српскиот образовен систем. Украинците се третираат како бегалци, а Русите како странски државјани.
Од Министерството за образование за РТС изјавија дека предавачите од други земји, вклучително и Русија и Украина, не се вклучени во образовниот систем, бидејќи, како што кажаа, тоа не е дел од српскиот образовен систем.
„Свесни за предизвиците со кои се соочуваат вработените во образовниот систем при вклучувањето бегалци, мигранти и странски државјани во наставата, Министерството за образование активно ги поддржува училиштата во кои се образуваат овие социјални групи, преку зајакнување на капацитетите на институциите, но и преку подобрување на компетенциите на вработените во системот на работа со овие ученици,“ забележуваат од Министерството за образование.