Министерството за внатрешни работи информира дека денешните дојави за бомби поради кои беа евакуирани седум училишта се лажни. Во нивното соопштение е наведено дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници биле преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера во интервју за МИА изјави не само што дојавите на бомби се случуваат само во последните три дена во работната недела туку дека тие се случуваат кога наставата ја следи една иста смена со ист наставен кадар.
Според министерот, целите на дојавите за лажните бомби што се случуваа изминатите недели во повеќе скопски средни училишта, е да се влијае на политичкиот момент во државата, на капацитетот на институциите и на граѓаните преку предизвикување вознемиреност и несигурност.
Тој во интервјуто нагласи дека за секоја ваква дојава постојат протоколи, кои мора да бидат испочитувани без разлика колкав е степенот на веројатноста во однос на подметнувањето на бомби, што секако троши многу сили и енергија, но потенцира дека полицијата е апсолутно подготвена со сиот потенцијал и капацитет и оти во целиот процес се вклучени повеќе сектори.
Лажни закани со бомби - Кој ќе го фати испраќачот на мејлот од Протон?
Средните училишта во кои имаше дојави за бомби, треба да најдат начин како да се надоместат пропуштените часови и тоа да се направи до крај на првото полугодие, рекоа од Министерството за образование и наука (МОН) на 10 ноември.
Заканите за поставени бомби во средни училишта во Скопје стартуваа на 26 октомври, по што наставата во школите се прекинуваше и учениците се евакуираа. Во сите случаи досега се покажа дека станува збор за лажни дојави за бомби.