Поранешниот американски претседател Доналд Трамп синоќа најави дека ќе побара од републиканците повторно да го номинираат за кандидат за претседател на следните избори кои треба да се одржат во 2024 година. Тој пред неговите поддржувачи изјави дека ја објавува својата кандидатура за претседател во САД со цел, како што вели, да ја направи Америка повторно голема и славна.
„Враќањето на Америка започнува токму сега“, им рече 76-годишниот поранешен претседател на стотици приврзаници собрани во раскошна сала обложена со американско знаме во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида.
Невообичаено предвременото влегување на Трамп во трката се гледа во Вашингтон како обид да се прескокнат другите републиканци кои сакаат да бидат партиски канидати како и да се избегнат потенцијалните кривични обвиненија, пишува новинската агенција Франс прес.
Трамп се соочува со критики од сопствените сојузници, кои велат дека е време републиканците да гледаат кон иднината. Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис се најавува како фаворит за републиканскиот кандидат за Белата куќа.
Во едночасовниот говор, Трамп ги пофали, како што вели, своите достигнувања како 45-ти претседател на Америка и упати вербални напади против демократот Џо Бајден, кој го порази во 2020 година.
„Ќе се погрижам Џо Бајден да не добие уште четири години“, вети Трамп.
Тој е цел на повеќекратни истраги за неговото однесување пред, за време и по неговиот прв претседателски мандат -- што на крајот може да резултира со негова дисквалификација.
Тие вклучуваат наводи за измама од неговиот семеен бизнис, неговата улога во нападот на Капитол, неговиот обид да ги поништи изборите во 2020 година и неговото чување доверливи документи во Мар-а-Лаго.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека кандидатурата за реизбор на Доналд Трамп не оставила огромен впечаток, додавајќи во интервју дека се надева дека американските гласачи повторно ќе го отфрлат популизмот на претседателските избори во 2024 година.
Говорејќи на Бали по тамошниот самит на Г-20, Шолц, исто така, го пофали актуелниот претседател Џо Бајден како „многу паметен, многу искусен политичар кој се занимава со прашања за светскиот развој“ и „важен трансатлантичар“.
Американскиот актуелен претседател 79-годишниот Бајден изјави дека неговата намера е да бара втор мандат, но конечната одлука ќе ја донесе на почетокот на следната година.