Измени на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска е ставен на дневен ред во Собранието на 91 седница. Со измените на законот се предвидува повторно да се дозволи владини пари преку видео реклами да влезат во приватни медиуми. Станува збор за реклами кои ќе бидат дел од кампањи за „јавно добро“.
„Содржи исклучиво информативно-едукативни пораки и е насочена кон голем број луѓе во одреден временски период за да се обидат да генерираат специфични резултати или да постигнат предодредени цели, при што на јавноста ќе ѝ се обезбедат потребните информации за причината на самата кампања од јавен интерес“, се вели во предлог измените на законот.
Новинарските здруженија како ЗНМ, ССНМ и МИМ неколку пати јавно се изјаснија против ваквиот начин на финансирање на приватните медиуми кој беше пракса до 2018 година.
СДСМ додека беше опозиција критикуваше дека со тоа се поткупуваат медиумите, како и дека нивното корумпирање беше очигледно преку уредувачката политика наклонета кон тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е дванаесетта промена на Законот за медиуми од 2013 година, кога за првпат е донесен во парламентот.
Меѓу другото на денешната седница ќе се разгледува и Извештајот на европската комисија за земјава за 2022, како и одлуки за испраќање на војници на Армијата во мисии во странство.
Пратениците ќе расправаат за предлозите на закони за ратификација на Договорот за соработка помеѓу земјите од Западен Балкан од областа на меѓусебното признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции, на Договорот за соработка во заштита од катастрофи во Западен Балкан.