Од Скопје до Пржеводов

ПОЛСКА - Две лица загинаа во експлозија во Пржеводов, село во источна Полска во близина на границата со Украина, соопштија во вторникот тамошните пожарникари. Руското Министерство за одбрана ги демантираше информациите дека нејзини ракети погодиле полска територија, опишувајќи ги извештаите како намерна провокација.

ТУРЦИЈА - Во Истанбул вечерва одекнала нова експлозија во областа Фатих. Пред два дена во терористичкиот напад во турскиот град загинаа шест лица, а повеќе од 80 беа ранети. Овој пат станувало збор за експлозија на автомобил-бомба, јавуваат турските медиуми. Огнот зафатил три автомобили, а засега нема пријавено загинати или повредени лица.

МАКЕДОНИЈА - Идентификувани се речиси сите инволвирани во случајот во кој две лица биле цел на напад од страна на поголема група на луѓе во Куманово, соопштуваат од Основното јавното обвинителство (ОЈО). За настанот кој се случил вчера беа објавени видео снимки на социјалните мрежи. На снимките може да се види како група лица бркаат две лица во градот, соопштија денеска од Обвинителството. Во Него се наведува дека Обвинителството и полицијата во Куманово преземаат мерки за расчистување на случајот.

УКРАИНА - Руските ракетни напади врз Украина од кои некои погодија станбени згради во Киев, ќе ја зголемат загриженоста на земјите од Г20, соопшти Белата куќа.
„Русија повторно ги загрозува тие животи и ја уништува критичната инфраструктура на Украина. Овие руски напади само ќе служат за продлабочување на загриженоста меѓу Г20 за дестабилизирачкото влијание на војната на Путин“, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

РУСИЈА / СРБИЈА - Рускиот државен канал „Russia Today“- РТ денеска соопшти дека започнал да објавува веб-содржини на својата програма на српски јазик. Оваа вест на Твитер ја потврди главната уредничка на каналот, Маргарита Симонјан со порака: „РТ го лансиравме на Балканот. Затоа што Косово е Србија“.
Во соопштението објавено на сајтот на РТ на руски јазик, беше најавено дека емитувањето на телевизиската програма на српски јазик ќе започне до 2024 година.

БИХ - Новоизбраниот претседател на Република Српска, Милорад Додик денеска положи заклетва во Народното собрание на Република Српска- РС. Тој истакна дека е горд на победата и им се заблагодари на граѓаните за поддршката.

МАКЕДОНИЈА - Владата соопшти дека на денешната седница го разгледала извештајoт за процесот на селекција и обука на кандидати за контролори на летање согласно огласот на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје.