Рускиот државен канал „Russia Today“- РТ денеска соопшти дека започнал да објавува веб-содржини на својата програма на српски јазик. Оваа вест на Твитер ја потврди главната уредничка на каналот, Маргарита Симонјан со порака: „РТ го лансиравме на Балканот. Затоа што Косово е Србија“.
Во соопштението објавено на сајтот на РТ на руски јазик, беше најавено дека емитувањето на телевизиската програма на српски јазик ќе започне до 2024 година.
„Веројатно, никаде во светот не не очекуваа толку многу како овде. Сакам да им се обратам на драгите Срби на нивниот јазик: „Браќа, гледајте РТ“, рече Маргарита Симонјан во официјалното соопштение на руската државна телевизија.
Цитирана е и изјавата на главниот уредник на српската програма, Елена Милинчиќ која изјави дека „жителите на регионот ќе имаат пристап до РТ на српски јазик, што ќе даде поцелосна слика за современиот свет.
„Да се стане дел од медиумскиот простор на Балканот е голем предизвик за нас. Подготвени сме на тоа“, рече таа, а пренесува РТ.
РТ, како медиум контролиран од Кремљ и финансиран од државниот буџет, е забранет да емитува програма во Европската унија од март 2022 година.
Медиумот е означен како клучен за ширењето на руската пропаганда и е цел на широк пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Но, властите во Србија, и покрај повиците од Брисел, одбиваат да ги почитуваат европските санкции.