Новоизбраниот претседател на Република Српска, Милорад Додик денеска положи заклетва во Народното собрание на Република Српска- РС. Тој истакна дека е горд на победата и им се заблагодари на граѓаните за поддршката.
Во исто време беше конституирано и Собранието на РС, ентитет во Босна и Херцеговина. За претседател на Собранието на РС е избран Ненад Стевандиќ. Собранието ќе има и четворица потпретседатели. 83 пратеници кои беа избрани на општите избори во Босна и Херцеговина (БиХ), одржани на 2 октомври, дадоа заклетва.
Во Собранието има пратеници од 11 политички партии. Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) има најмногу пратеници, 29.
Опозициските партии - Партијата за демократски напредок (ПДП), Српската демократска партија (СДС) и Листата „За правда и ред - Небојша Вукановиќ“ освоија вкупно 25 мандати. Во Собранието на РС ќе има 16 жени.
На конститутивната седница заклетва даде српска членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ. Овој преседан на 10 ноември го објави Додик.
На почетокот на седницата беа интонирани химните на Босна и Херцеговина и на Република Српска. Додик ја напушти салата за време на интонирањето на националната химна на БиХ.