Владата го разгледа извештајот на М-НАВ за селекција и обука на контролори на летање

Владата на РСМ

Владата соопшти дека на денешната седница го разгледала извештајoт за процесот на селекција и обука на кандидати за контролори на летање согласно огласот на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје.

На седницата, како што е наведено, биле образложени активностите коишто се спроведени од страна на М-НАВ во однос на процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање.

„Од страна на претставниците на М-НАВ АД Скопје беше информирано дека постапката е реализирана согласно законски утврдени процедури, дека селектираните кандидати, кои се и вработени во М-НАВ АД Скопје, имаат положено селекциски тестови според меѓународни стандарди, а за нивната професионална стручност зборува и фактот што по положените тестови, може да конкурираат за работа и во која било друга странска држава“, се наведува во владиното соопштение.

Од Владата додаваат дека М-НАВ ги информирала дека потребниот тест го положиле тринаесетмина кандидати. Од нив, како што е информирано, за осумтемина кои се стекнале и со лекарско уверение, биле дадени насоки за вработување и нивно упатување на школување.

Раководството на М-НАВ АД Скопје на11 ноември го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Претходно Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) изрази сомнеж дека во државната компанија има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери. Синдикатот најави дека ќе бара одговорност за случувања со кои сметаат дека се нарушил кредибилитетот на нивната професија.

Од УО на М-НАВ исто така наведоа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.