Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска изјави дека очекува што поскоро на слободниот пазар да се вратат фирмите кои нелегално се префрлени на регулираниот пазар.
„Тоа треба да биде брзо затоа што тие потрошувачи можат да ја оптоварат и цената на граѓаните и на малите потрошувачи. Она што ние го правиме како ЕСМ во текот на оваа година е дека значително ќе ги намалиме непродуктивните трошоци“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека не се очекува да има зголемување на цената на електрична енергија, освен кај данокот кој од 1 јануари наместо 5 треба да биде 10 проценти.
Во моментот електрична енергија се произведува во двата блока на РЕК „Битола“, а во РЕК „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“ во тек се ремонтни активности.
„Во октомври немаше набавка на електрична енергија. Во првата половина од ноември набавивме само за седум дена, значи првите седум дена од месецот немаше набавки и очекувано сега во планот за испорака на електрична енергија да има дел набавки во втората половина од ноември и во текот на декември доколку има потреба согласно производството на електрична енергија од сопствените капацитети“, изјави Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека од 1 јануари за домаќинствата нема да има поскапување на цената на електрична енергија, а ќе поевтини таа за малите потрошувачи.