Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција денеска објави нови детали од аферата „Паразити“, која покажува, како што посочоуваат од опозициската партија, дека голем број владини функционери земаат месечни плати неколкукратно поголеми од минималната.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за Цивилно воздухопловство, зема плата од 3.300 евра месечно. Директорот на ПУИК, Зоран Ѓорѓиев, со месечна плата од 105.000 денари. Никола Љушев како дел од УО на Телеком зема месечна плата од 11.500 евра. Љупчо Зиков од МЕПСО зема 80.000 денари.
„Аферата Паразити покажува дека низ институциите лежат скриени поголем број именувани функционери кои во услови на криза додека најголемиот број од работниците работат за плата под просечната земаат плати кои на годишно ниво изнесуваат неколку десетици илјади евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде најавија дека од утре продолжуваат со нови детали.
ВМРО-ДПМНЕ вчера објави дека платите на раководните лица во државната компанија за контрола на летање М-НАВ достигаат и до 5 - 6 илјади евра.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека Владата со закон ќе ги уредува платите на раководните лица во државниот сектор. Според него, мора да се стави ред и конзистентност во примањата. Со законот за плати, како што најави, ќе се дефинира најголемата плата во државата и сите плати потоа ќе бидат креирани врз основа на таа највисока плата.
„Вчера опозицијата објави примања на директори на М-НАВ, кои се повеќекратно поголеми од сите примања во државата. Висината на тие примања јас не знам како е определена, бидејќи не сум се занимавал со тоа прашање. Знам дека таму при определувањето на платата имаат удел и меѓународните организации во кои што таа компанија членува, бидејќи се грижи за контролата на прелетите и летањето над државата. И самите видовте дека при изборот на кадри кои ќе работат таму ја прават консултантски и експертски куќи надвор од државата“, изјави Ковачевски по заедничката прес-конференција со европратеничката Гарсиа.
Во однос за месечните примања на членови на управни и надзорни одбори, Ковачевски вели дека кога се зборува за менаџирање со одредена компанија или организација, треба да се споредат перформансите со примањата.