Српска листа, единствената партија која досега учествувала во работата на косовските институции, најави дека нема да учествува на претстојните вонредни избори за градоначалници во општините на северот на Косово, кои се закажани за 18 декември.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека Српската листа нема да учествува на овие избори, а нема да учествуваат ниту граѓаните кои ја поддржуваат нашата партија, од кои над 95 отсто се на овие простори“, соопштено e денеска.
Српска листа е формирана во 2013 година со поддршка на Белград и оттогаш има добиено над 90 проценти од гласовите на речиси сите локални или парламентарни избори.
Претседателката на Косово Вјоса Османи најави вонредни избори за градоначалници за 18 декември во четири општини на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население - Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан.
- Изборите на северот на Косово закажани за 18 декември
- Претставниците на Србите од северот на Косово одлучија да излезат од косовските институции
Таа изјави дека од меѓународните партнери ќе биде побарано да го следат изборниот процес, додека косовските безбедносни институции ќе ги преземат сите мерки граѓаните, без разлика на етничката припадност, да се чувствуваат безбедно и да го остварат своето избирачко право.
Градоначалниците на општините со српско мнозинство на северот на Косово поднесоа оставки во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да иницира процес за пререгистрација на автомобили со регистарски таблички издадени од Србија за градовите во Косово, кои се нелегални за Косово.
Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, реагираше на одредувањето на датумот на изборите, со оценка дека изборите во општините на север „немаат значење“ и дека како такви се „осудени на неуспех“.
Претходно и некои српски опозициски политичари изјавија дека треба да се одложат изборите на северот на Косово за да не дојде до ескалација на ситуацијата.