Лекарите до родителите: Вакцинирајте ги децата, жално е да се вратат искоренетите болести

илустрација

Опфатот на вакцинација кај децата бележи пад во последните две години. Поради раздвиженоста од една во друга држава, невакцинираните деца се на некој начин загрозени да дојдат во контакт со болести што веќе се искоренети, предупредува Катерина Ставриќ, директорката на Клиниката за детски болести.

На денешниот брифинг со медиумите, посветен на редовната вакцинација кај децата, скептицизмот кон вакцинацијата и враќањето на детски болести за кои се сметаше дека се искоренети, лекарите апелираа до родителите кои сè уште ги немаат вакцинирано своите деца да ги проверат вакциналните картони и доколку имаат некоја вакцина пропуштено да се јават во вакциналните пунктови.

„Нема сто проценти безбедна вакцина, има реакции, но тоа воглавно се лесни и самоограничувачки реакции што спонтано поминуваат и не оставаат никакви последици по здравјето на децата. Интензивно се пратат поврзаноста на вакцината со одредени состојби, меѓутоа не се докажува директна поврзаност на тие состојби со вакцината. Од тој аспект, вакцините се безбедни“, појасни докторката.

Националниот координатор за имунизација Александра Грозданова како успешен пример ја посочи имунизацијата на 46.000 деца по појавата на морбили во нашата земја во 2018 година.

„Оваа вакцина е оптоварена со онаа состојба за појава на аутизам и ако нешто на национално ниво се покажа, тоа е дека од сите 46.000 дози ние навистина не видовме пријави од родители кои упатуваат на тоа дека кај децата се развила појава на аутизам. Тоа упатува на тоа дека тие родители се сега смирени и спокојни за тоа што го направиле вистинскиот чекор и нивните деца се сега заштитени од морбили, дополнително се соочуваме со пад на опфатот сега за истата болест“, истакна таа.

Лекарите велат дека е жално што во 2022 година се соочуваме со појава на полио, болест што одамна е искоренета.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Диџовани исто така апелираше дека имунизацијата е една од најефективните мерки за спасување на животот во модерното време.