Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека од 1 јануари за домаќинствата нема да има поскапување на цената на електрична енергија, а ќе поевтини таа за малите потрошувачи.
„Ние носиме одлуки и за заштита на буџетот, зошто тоа е буџетот на секој граѓанин на државата, и граѓаните да бидат снабдувани со електрична енергија. Така ќе биде до крајот на грејната сезона за електричната енергија и граѓаните нема да имаат зголемени сметки од 1 јануари, а компаниите најверојатно ќе имаат намалени сметки на електрична енергија, изјави министерот.
Тој додаде дека ТЕЦ Неготино ќе работи кога тоа ќе биде исплатливо. Во моментов е поевтино да увеземе струја, отколку да работи ТЕЦ Неготино, рече Бектеши и додаде дека залихи на мазут има, поради што граѓаните не треба да стравуваат дека во континуитет ќе бидат обезбедени потребните количини топлинска и електрична енергија.
Бектеши најави дека во наредните денови ќе следуваат и мерки за поевтина електрична енергија и за компаниите на слободниот пазар.
„Работиме на нови мерки, веќе се дизајнирани новите мерки, со цел да му помогнеме уште повеќе на стопанството и најверојатно наредните денови заедно со стопанските комори ќе излеземе со мерки со кои ќе им излеземе во пресрет, имајќи ги во предвид подготовките што сме ги направиле во делот на производство на електрична енергија, во делот на контактите што ги имаме со странство. Не само граѓаните да бидат снабдувани непречено. Така ќе биде снабдувано и стопанството и тоа со цени кои ќе бидат конкурентни не само во регионот, туку и на европско ниво“, најави Бектеши.
И претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во интервју за РСЕ изјави дека е против поскапување на струјата за домаќинствата од Нова година, како што претходно најавија владини претставници. Досега, директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека ќе има зголемување на цената за струјата од Нова година, но оти ќе се прават напори тоа да биде минимално.