Изборите на северот на Косово закажани за 18 декември

илустрација

Претседателката на Косово, Вјоса Османи синоќа објави дека го закажала одржувањето на вонредните локални избори во општините со мнозинско српско население во северно Косово, во кои градоначалниците и членовите на советите поднесоа оставки на почетокот на месецов.

По состанокот со претставници на неколку косовски партии, главно од немнозинските етнички заедници, кабинетот на Османи објави дека таа одлучила изборите во општините Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечане да се одржат на 18 декември.

Османи најави и дека ќе побара од меѓународните партнери да го набљудуваат гласањето на 18 декември и да бидат што е можно поприсутни на терен во текот на целиот изборен процес.

„Претседателката Османи исто така нагласи дека безбедносните институции ќе ги преземат сите мерки со цел граѓаните, без оглед на нивната припадност, да го остварат своето уставно право“, се вели во соопштението.

Косовските Срби, на повик на најголемата партија на таа заедница во Косово, Српска листа (СЛ), која е отворено поддржана и од официјален Белград, ги напуштија државните и локалните институции, поради најавата за казнување на лицата што нема да ги сменат регистарските таблички издадени од Србија со таблички со ознаките РКС – Република Косово.

СЛ најави „жесток отпор“ доколку се започне со изрекување парични казни за тие што нема да ги сменат табличките, како што се вели во одлуката на Владата на Албин Курти, а враќањето во институциите го условија и со формирањето на заедница на општини со мнозинско српско население во Косово.