Од Лавров до Фатиме Фетаи
РУСИЈА - Руското Министерство за надворешни работи на 14 ноември соопшти дека вовело санкции против уште 100 канадски државјани како одговор на санкциите наметнати врз руските граѓани од страна на канадската „русофобична влада". Меѓу лицата кои се најдоа на оваа листа се и холивудскиот стартер Џим Кери, познатата писателка Маргарет Атвуд, писателот и режисер Дејвид Безмозгис и актерката Кетрин Виник.
ЕУ - Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, предупреди дека одлуката за регистарските таблички во Косово треба да се донесе пред 21 ноември.
„Не смееме да го чекаме тој датум без договор“, предупреди Борел на прес-конференцијата на крајот од средбата на министрите за надворешни работи на Европската унија (ЕУ), на која се разговараше и за тензиите меѓу Косово и Србија.
МАКЕДОНИЈА - Ирена Попова, советничка од ВМРО-ДПМНЕ, се изјасни дека од денеска ќе дејствува како независен советник во Советот на Град Скопје, со што почна да се тенчи мнозинството на оваа партија.
МАКЕДОНИЈА - Под мототo „Стоп за уништување на студентскиот стандард“ група студенти денеска излегоа на протест пред македонското Собрание по предлозите за укинување на бесплатниот студентки оброк за дел од студентите.
Тие побараа да ги заменат своите оброци со оние на пратениците, нудејќи им во чинии по едно парче леб и зденка, бидејќи како што појаснуваа, вака сега изгледа студентскиот оброк.
МАКЕДОНИЈА - Советот на Јавни обвинители изборот на нов шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје го одложи за следната недела, в понеделник. На огласот за избор има тројца кандидати, постојниот обвинител Мустафа Хајрулахи, како и Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи, кои беа обвинители во сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).
САД / КИНА - Претседателот на Кина Си Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден денеска три часа разговараа на Самитот во Бали, Индонезија. Тие на состанокот на 14 ноември разговараат како да се спречи ривалството меѓу двете земји да не се претвори во конфликт. Пренесува новинската агенцијата Франс прес.
ТУРЦИЈА - Турската полиција денеска соопшти дека е уапсена главната осомничена за поставвуање на бомбата во чија експлозија на 13 ноември беа убиени шест луѓе, во центарот на Истанбул. Полицијата додаде дека се работи за курдски милитанти. Жената за која турските власти објавија дека се вика Алхам Албашир, наводно признала дека добила наредба од Курдската работничка партија (ПКК), која Анкара и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка група. ПКК во изјава објавена на нивната веб страница во понеделник на 14 ноември, негира вмешаност и вели дека нивната цел не се цивили, пренесува агенцијата Франс прес.
МАКЕДОНИЈА - Советот на јавни обвинители го именува Ислам Абази за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје (ОЈО ГОКК).
БЕЛГИЈА - На Украина и претстојат тешки месеци и воената способност на Русија не треба да се потцени, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 14 ноември. Столтенберг ја пофали „неверојатната храброст“ на украинските сили по повлекувањето на Русија од стратешкиот јужен град Херсон и побара континуирана меѓународна поддршка за Киев.
МАКЕДОНИЈА - Власта живее во луксуз, директорот на државната компанија за контрола на летање, М-НАВ Фахрудин Хамиди со месечна плата од 345.000 денари (околу 5.628 евра), за еден мандат од четири години заработува пари колку обичен граѓанин за 76 години, или за два работни века, објави денеска Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција презентирајќи ја таканаречнеата афера „Паразити“.
АЛБАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски на 14 ноември во Владата на Македонија се сретна со претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама. Двајцата премиери разговараа за унапредувањето на меѓусебните односи и за потребата соработката да се продлабочи во повеќе сегменти, особено во овие турбулентни времиња на воени превирања и светска енергетска криза.
МАКЕДОНИЈА - Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски е повикан в среда во Собрание, каде на седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата, ќе треба да даде објаснување за улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко. Агенцијата дала позитивно мислење Украинецот Онишченко да добие македонско државјанство.
ИНДОНЕЗИЈА / РУСИЈА - Руското Министерство за надворешни работи на 14 ноември го негираше извештајот на Асошијтед прес дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров бил пренесен во болница. За руското министерство извештајот е „врв на невистината“. Претходно Асошиејтед прес јави дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е пренесен во болница откако претрпел здравствен проблем по неговото пристигнување на самитот на Групата 20 на Бали. Тројца индонезиски владини и медицински претставници за Асошиејтед прес изјавија дека рускиот дипломат се лекува во одморалиште на островот.
СЛОВЕНИЈА - Независната центристичка адвокатка и бранителка на човековите права Наташа Пирц Мусар победи во вториот круг на претседателските избори во Словенија, кои се одржаа на 13 ноември и стана првата жена претседател на Словенија. Таа го победи противкандидатот, конзервативецот Анже Логар. Во првиот круг од претседателските избори пред три недели, Логар доби најмногу гласови.