Ирена Попова, советничка од ВМРО-ДПМНЕ, се изјасни дека од денеска ќе дејствува како независен советник во Советот на Град Скопје, со што почна да се тенчи мнозинството на оваа партија.
Како причина Попова наведе притисоци кон неа, а на денешната седница и јавно ги критикуваше амандманите на нејзината досегашна партија.
„Воопшто не се плашам. Доследна сум на себе и своите принципи“, изјави Попова, која отсега дејствува како независен советник во град Скопје.
Така сега во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ има 16 советници, СДСМ 12, ДУИ 5, Левица 4, ЛДП и Зелен хуман град имаат по два советници, Алијанса за Албанците и Алтернатива по еден, а има и двајца независни советници.
Претходно и Александар Трајановски од ГРОМ, кој како советник влезе преку листата на ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ како коалиционен партнер, изјави дека во Советот ќе дејствува надвор од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, по што доби заменик градоначалничко место.
Инаку за време на денешната седница, Советот на Град Скопје му додели 15 милиони денари помош на ФК „Вардар“. Градоначалничката Данела Арсовска оцени дека со оваа помош „ќе се наполнат туѓи џебови или ќе се исплатат извршителите“ и ја повика Финансиската полиција да изврши контрола во клубот.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски, изјави дека фудбалерите веќе четири месеци немаат земено плата и мора да се изнајде системско решение за во иднина да не се случува ова.
Претходно, едногласно беше прифатен и амандманот на советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска за субвенционирање на енергетската сиромаштија со коешто ќе се помогне на социјално ранливите категории на граѓани.