Протест пред Собрание - Студентите побараа да си ги заменат оброците со тие на пратениците

Студентски протест пред Собрание

Под мототo „Стоп за уништување на студентскиот стандард“ група студенти денеска излегоа на протест пред македонското Собрание по предлозите за укинување на бесплатниот студентки оброк за дел од студентите.

Тие побараа да ги заменат своите оброци со оние на пратениците, нудејќи им во чинии по едно парче леб и зденка, бидејќи како што појаснуваа, вака сега изгледа студентскиот оброк.

„На гладно и на ладно не се учи“, „Студентски оброк или политички облог“, „Се тресеме од студ, не од страв“, беа дел од пораките кои им ги упатија на пратениците.

Притоа повикаа да им се придружат и средношколците, кои се идни студенти. Покрај враќање на мерката за исплата на студентски оброк, студентите алармираа дека не треба да се штеди на нив, па меѓу барањата се подобрување на условите во студентските домови кои како и останатите јавни институции има обврска да штедат енергенси оваа зима.

Најавија протест и за утре исто така пред Собранието. Истовремено со протестот надвор, внатре во Собранието се упатија претставници на универзитетските студентски собранија каде е најавена нивна средба со пратениците.

Протестот беше организиран преку социјалните мрежи, а како локација е избрано Собранието бидејќи пратениците треба да гласаат за предложените законски измени со кои се планираше кратење на бесплатниот студентски оброк за студентите кои земаат стипендии, за апсолвентите и за оние чии семејства имаат плата повисока од минималната. Претходно сите студенти имаа пристап до оваа мерка, која поради законска празнина остана недостапна оваа година. За студентски оброк студентите досега добиваа по 2400 денари месечно.