Советот на Јавни обвинители изборот на нов шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје го одложи за следната недела, в понеделник.
Почетокот на денешната седумдесетта седница на Советот на ЈО, на чиј дневен ред, меѓу другото е и изборот на шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, доцнеше час и половина, а кога стигна оваа точка, беше одложена за, како што беше посочено, членовите да имаат доволно време за разгледување на досиејата на кандидатите.
На огласот за избор има тројца кандидати, постојниот обвинител Мустафа Хајрулахи, како и Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи, кои беа обвинители во сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Претседателот на Советот на ЈО Антонио Јолевски, одговарајќи на новинарски прашања по седницата, рече дека и доцнењето на денешната седница, било токму поради тоа за членовите да ги разгледаат досиејата и да може денеска да биде завршен изборот.
Советот на јавни обвинители денеска го именуваше Ислам Абази за шеф Обвинителството за организиран криминал.