Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ќе се состанат денеска во Брисел за разговори околу деталите за стартување на воена мисија за обука на украинските вооружени сили.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел пред почетокот на состанокот изјави дека планот засега е група од 15.000 украински војници да добијат обука во Полска.
Тој додаде дека повеќе земји се подготвени да учествуваат. Покрај започнувањето на мисијата за воена обука, министрите за надворешни работи на ЕУ треба да разговараат за поддршката на Белорусија и Иран за Русите за време на тековната војна во Украина.
„Иако нема докази за директна интервенција на белоруската армија во војната во Украина, нивното „ниво на ангажман“ во конфликтот е нешто што многу ја загрижува ЕУ“, рече Борел.
На состанокот е предвидено белоруската опозициска лидерка во егзил, Светлана Циханускаја да ги информира министрите за надворешни работи на ЕУ за политичката ситуација во нејзината земја.
ЕУ неодамна го санкционираше Техеран поради беспилотните летала од Иран, испорачани на Русија и користени во нападите врз Украина. Борел посочи дека сепак нема докази дека Иран испорачува ракети по извештаите во медиумите.