Лидерите на САД и на Кина ветија дека „ќе избегнуваат конфликти“

Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг се ракуваат на маргините на Самитот на Г20 во Бали на 14 ноември 2022 година.

Претседателот на Кина Си Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден денеска три часа разговараа на Самитот во Бали, Индонезија. Тие на состанокот на 14 ноември разговараат како да се спречи ривалството меѓу двете земји да не се претвори во конфликт. Пренесува новинската агенцијата Франс прес.

Претседателската поворка на Бајден го напушти местото откако двајцата лидери изразија надеж дека двете сили можат да ги надминат нивните растечки разлики.

Пред средбата, двајцата лидери ветија дека ќе избегнат конфликти.

„Светот очекува Кина и Соединетите Држави да ги одржуваат односите на вистински начин“, рече Си.

Бајден, пак, вели дека се обидува „да управува со разликите и да спречи конкуренцијата да стане конфликт“, пренесува Франс прес.

Претседателите на двете земји се ракуваа со насмевка пред низа кинески и американски знамиња во сала за бал во луксузниот хотел Мулија во заливот Нуса Дуа на Бали.

„Поминавме многу време заедно кога двајцата бевме потпретседатели, и прекрасно е што те видов“, му рекол Бајден на Си и го прегрнал, додавајќи во забелешките пред новинарите дека е посветен на одржување на отворена линија на комуникација на лично и на владино ниво на двете земји.

„Како лидери на нашите две нации, ние ја споделуваме одговорноста, според мене, да покажеме дека Кина и Соединетите Држави можат да управуваат со разликите, да спречат конкуренцијата да се претвори во конфликт и да најдат начини да работат заедно на глобалните прашања кои се итни и кои бараат наша меѓусебна соработка“, вели Бајден.

Тој ги спомена климатските промени и несигурноста со храната како проблеми кои светот очекува да ги решат нивните две земји.

Одговарајќи му на Бајден, Си рече дека како лидери на две големи земји, тие мора да го трасираат својот курс, да ја најдат вистинската насока и да ги подобрат своите односи.

Кинескиот претседател рече дека со нетрпение очекува да работи со Бајден за да ги вратат односите меѓу двете земји на вистинскиот пат.

Лидерите не носеа маска против ковид, иако членовите на нивните делегации носеа.

Ова е прва средба во живо меѓу двајцата лидери откако Бајден стана претседател на САД.

Бајден и Кси, кои имаа пет телефонски или видео повици откако Бајден стана претседател во јануари 2021 година, последен пат се сретнаа лично за време на администрацијата на Барак Обама, кога Бајден беше потпретседател.